6 работи на кои непотребно трошиме пари

Иако во ова време на криза многу од вас веќе се одрекле од ситните работи и максимално сте го затегнале домашниот буџет, постојат некои трошоци од кои можете да се ослободите и да располагате со повеќе пари.

Јадење надвор

Не, не се обидуваме да ве убедиме дека за годишнина или роденден треба да седите дома и готвите за гостите. Сосема е нормално да сакате да вечерате надвор во специјални прилики. Но, ако секој ден се храните со купени сендвичи, гира, пици или секојдневно јадете во ресторан за време на пауза, не е ни чудо што сте без денар. 

Купете храна од пазар или маркет, пригответе си ужина или сендвич за на работа. А ако баш веќе обожавате да одите по ресторани, не заборавајте ги купоните.

Такси и давачки

Некои давачки мора да се платат, но луѓето обично плаќаат се и сешто само поради мрзеливост и незаинтересираност. Тука на пример спаѓаат каматите поради неизмирување на некоја обврска, членарини за одредени козметички куќи итн.

Знаете ли колку многу такси плаќате во банките – за водење на сметка, годишни членарини за кредитни картички и низа други? Седнете и убаво проучете каде одат вашите пари. Доколку некоја услуга не ви е неопходна, а постојано плаќате за неа, откажете ја. 

Кафе во кафуле

Речиси и да не постои човек кој во кафе паузата од работа нема да се упати во најблиското кафуле со колегите. Без оглед на тоа дали се работи за кафе, сок или некој сосема трет пијалок, пресметајте колку месечно ве чини тоа. Иако сте во тренд, тоа значително ќе се одрази врз вашиот паричник. 

Неискористени услуги

Ова е фрлање пари во вистинска смисла на зборот. Што ви вреди месечна фленарина за фитнес клуб ако сте пошле само 2-3 пати месецов? Или пакетот 3-во-1, за телефон, интернет и телевизија, ако го користите само интернетот, преку кој гледате ТВ, а муабети си правите преку skype?

Пред да потпишете било каков договор за членство или користење на некоја услуга, добро размислете дали истата ќе ја искористите во целост. Во спротивно, компанијата со која сте склучиле договор ќе има право секој месецда ви наплаќа за услугата која не ја користите. 

Брендирана облека

Луѓето купуваат брендови со цел да се почувствуваат подобро/повредно/помоќно во својата кожа.

Проблемот е во тоа што останатите во вашата околина имаат доволно свои грижи, па најчесто не ги ни интересира кој бренд го носите. Ова особено важи за долен веш, чорапи, вратоврски и панталони.
Доколку не можете без брендови, ограничете го количеството на брендирана облека на неколку парчиња. Не плаќајте за се и сешто. Би се изненадиле колку убаво може да се искомбинира брендирано сако со поевтина маичка. 

Цигари

Пушењето е штетно за вашето здравје и финансии. Ако веќе не ви е гајле за здравјето, мислете барем на финансиите. Убаво искалкулирајте колку кутии пушите месечно. Добиената сума помножете ја со 12, за да го добиете годишниот износ. Потоа таа бројка измножете ја со годините на вашиот пушачки стаж. Неверојатно, зар не?