5 ризици кои треба да ги преземете во животот

Една работа која сите ја имаме премногу во животот е каење. Се каеме за се. Се каеме за тоа што сме го направиле, се каеме за тоа што не сме го направиле.

Марк Твен има кажано: „За 20 години повеќе ќе се каете за работите коишто не сте ги направиле, отколку за тоа што сте го направиле.“

Секогаш можете повторно да станете, да научите, одново да се изградите од грешките, но кога не правите ништо, тоа значи дека не постои нешто за унапредување.

И на крај секогаш завршувате со: „Што ако?“

Во продолжение прочитајте 5 паметни ризици кои треба да ги преземете во животот. Верувам дека ќе ви биде мило што сте ги направиле.

1. Вработете или унапредете личност која не би требало да ја вработите или унапредите

Во разговор со многу директори и шефови, дознав дека највредниот и најдобар работник секогаш излегувало дека е личност која на почеток ги немала потребните квалификации или искуство, но тие решиле да ризикуваат и сепак да ја примат таа личност на работа.

Еден директор ми има кажано: „Кога вработуваш личност која ги пополнува сите квалификации, тогаш ги добиваш тие работи. Но, не добиваш повеќе. А понекогаш ризичниот избор излегува најдобар избор, затоа што таа личност носи квалитети кои не си ни знаел дека ти требаат.“

2. Извинете се за огромната грешка којашто сте ја направиле

Сите сме терсене. Постојат работи за кои треба да се извиниме: зборови, дејства и грешки. Кога не сме биле тука или не сме дале поддршка. Тие работи се случуваат постојано. Но, застануваме и се извинуваме.

Но, понекогаш правиме многу лоши работи и понекогаш дури не се ни извинуваме. Премногу ни е срам. Премногу се срамиме од самите себеси. Преплашени сме. Па затоа бегаме од ситуацијата, често со години го правиме тоа. Посакуваме да ја снема.

Но, не ја снемува. И секогаш кога мислиме на тоа, се чувствуваме лошо во врска со себеси.

Едноставно кажете дека ви е жал. Извинете се. Ќе биде непријатно. Ќе ви се дерат.

Но, барем ќе се гордеете со себеси што сте ја собрале храброста. И можеби ќе ја поправите врската или пријателството коешто сте мислеле дека не може да се поправи.... но, никогаш нема да знаете ако не го преземете тој ризик.

3. Соочете се со еден од вашите најголеми стравови

Секој кој сака да постигне големи работи е нервозен. Секој кој сака да постигне големи работи се плаши.

Продуктивните луѓе не се похрабри од другите, тие едноставно наоѓаат сила која ги турка напред. Тие сфаќаат дека стравот парализира додека дејството создава самодоверба.

Одберете нешто коешто сакате да го правите, но од коешто се плашите. Не се трудете да го надминете стравот. Прифатете го фактот дека се плашите. И потоа направете го тоа и покрај стравот.

Нема да биде толку страшно колку што сте мислеле, најверојатно ќе сфатите дека само сте се плашеле од непознатото. Но... никогаш нема да знаете ако не го преземете тој ризик.

4. Направете ја таа работа за којшто сте сонувале, а за која другите ви се смееле

Бони Вер, работела со пациенти кои имале останато уште само неколку месеци живот. Најчесто ги слушала луѓето како велат: „Посакувам да имав храброст да живеам живот верен на мене, а не живот каков што другите очекуваа од мене.“

Што другите мислат воопшто не е важно. Што другите сакаат да правите воопшто не е важно.

Можеби сакате да започнете бизнис за кој сите мислат дека е будалест. Можеби сакате да научите да програмирате, а другите мислат дека се глупирате. Што и да е што сакате да направите, но сте се двоумеле поради тоа што другите го мислат или кажуваат, направете го.

Слушајте ги критиките, издржете ги ударите, примете ги шегите на ваша сметка, но оценувајте се според сопствените стандарди.

Можеби ќе го постигнете тоа што секогаш сте го сонувале, а можеби и повеќе од тоа. Но, никогаш нема да знаете ако не го преземете тој ризик.

5. Надминете се себеси поради друга личност, само затоа што можете

Без оглед на тоа дали мислите дека немате нешто, има милиони луѓе кои се понесреќни од вас.

Барем на еден човек му е потребен само еден добар збор. Или совет. Или поддршка.

Нареден пат кога некој ќе ви побара помош, навистина направете се што е во ваша можност за да помогнете дури и за работа за која не ви побарале помош.