41-то издание на Млад отворен театар

Од 21 до 27 септември сите љубителите на театарската уметност ќе можат да уживаат следејќи ја програмата на 41-то издание на фестивалот Млад отворен театар, во организација на Младински културен центар, а под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.

На прес- конференцијата којашто се одржа денеска во просториите на МКЦ беше претставена програмата на овој меѓународен фестивал МОТ и беше нагласено дека повторно во фокус имаме тесна селекција на светски и регионални театарски продукции која на исто место ќе ги обедини вљубениците во театарот.

Во изминативе 40 години на МОТ биле презентирани театарски групи театри, самостојни театарски уметници од над 70 земји од Европа и светот, со над 700 изведби. Фестивалот значи многу за театарот и севкупниот културен живот во Скопје.

Во периодот од 21 септември, кога е и официјалното отворање на фестивалот, па до 27 септември, на репертоарот на фестивалот имаме четиринаесет продукции од: Романија, Унгарија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, а ни гостува и еден од најреномираните европски театри, театарот од Види Лозана од Швајцарија.

На прес-конференцијата присуствуваа и дел од екипа на претставата „Догвил“ на Миксер Хаус, Белград којашто е театарската адаптација на истоимениот филм на Ларс фон Трир, режисерот на претставата Кокан Младенович, во која меѓу другите играат и Бранислав Трифуновиќ, Милица Мајсторовиќ и Милица Јаневски, а музиката за претставата во живо ја изведува Vrooom.

Режисерот на претставата Кокан Младенович, истакна дека нивниот Догвил е замислен како платформа во која се изнесени исфрустрираноста, омразата, агресијата и нетолеранцијата на различните мислење, верувања, како и сексуална ориентација.

Претставата ја следи приказната на Грејс која бегајќи од гангстери, наоѓа засолниште во навидум идиличниот град наречен Догвил.

Исфрустрираноста, тесноградоста и агресија на жителите на оваа идеализирана заедница бргу ќе излезат на виделина и Грејс ќе стане жртва на оние на кои таа сакала да им помогне и во чија хуманоста и добрината верувала.

МОТ оваа година учествува и во светската прослава на 100 години од смртта на Вилијам Шекспир, со ревијата на бесплатни играни филмови снимени по драми на Шекспир. Публиката на закажаните проекции во Џебното кино во МКЦ ќе има можност да ги погледне легендарните наслови како ХАМЛЕТ на сер Лоренс Оливие, КРАЛОТ ЛИР на Питер Брук и мноштво други.

Во рамките на фестивалот како дополнителна програма, ќе се одржи и промоција на книгата РАПСОДИЈА НА ТЕАТАРОТ во издание на МОТ и МКЦ од францускиот филозоф, драматург и професор Алан Бадју.

Во предвечерјето на овој реномиран театарски фестивал, вечер /14.09.2016 година, среда/ во 20 часот во рамките МОТ+ програмата во МКЦ ќе биде изведена претставата „Догвил“. Претходно во 19 часот ќе има и изложба на на фотографии со театарска тематика на познатиот македонски фотограф Љупчо Илиевски направени во периодот од 1984 до 1996 од изданијата и репертоарите на МОТ.