26 АТРАКЦИИ: Воз, сафари, среќна лулашка...Во новиот забавен парк во Скопје

Град Скопје соопшти дека распишаниот тендер за набавка на реквизитите бил деллив, а набавката ќе ја реализираат две фирми.

 „Боминг Оливер“ ќе го набави реквизитот саламантес, кој чини 29,2 милиони денари, реквизитот слободен пад (52 милиона денари), возот ел пасо во вредност од 1,5 милион денари, скокалиште во вредност од 5,2 милони денари и реквизитот сафари авантура, кој ќе чини 11,5 милиони денари. Втората фирма „Ивама трејд“ треба да ги набави реквизитите: среќна лулашка во вредност од 5 милиони денари и мини-филџанчиња, кој ќе чини 6 милиони денари.

Со овој договор е направен уште еден чекор кон реализацијата на проектот со кој Скопје конечно ќе добие модерен адреналински забавен парк со реквизити на кои ќе се возат и децата и возрасните.

Новиот парк ќе се гради на местото на стариот, каде што се уште се употребуваат застарените реквизити кои се поставени во далечната 1973 година.

За овие седум реквизити Градот Скопје од својот буџет треба да издвои вкупно 110.581.100 денари, односно 1.789.338 евра.

Вкупно, според проектот е предвидено во новиот забавен парк да има 26 реквизити за возење и забава, од кои 2 се адреналински, 6 се семејни и 18 се детски.

Според Програмата на Градот Скопје за изградбата, набавката и монтажата на реквизитите, во која е испланиран и начинот на финансирање, се очекува проектот да чини вкупни 400 милиони денари, односно 6,5 милиони евра. Парите ќе се обезбедат од буџетите на Град Скопје за 2016, 2017 и за 2018 година.

- Градот Скопје реши проблемот со изградба на новиот забавен парк да го реализира самостојно и за таа намена реализира повеќе активности кои фазно треба да се реализираат во неколку години. Изградбата ќе се одвива во фази и се очекува целиот проект да се заврши до 2018 година. Во секој од наредните буџети ќе се обезбедуваат пари во висина неопходна за набавка на нови реквизити и други тековни активности за изградбата - потенцираат градските власти.