Градоначалникот Филип Темелковски по повод Божиќните празници, утре (сабота), на Бадник во Општина Кисела Вода во 10:30 часот ќе пречека 250 ученици коледари од сите основни училишта кои гравитираат на територијата на локалната самоуправа.

На оваа средба градоначалникот Темелковски на дечињата кои ќе бидат дел од оваа коледарска посета ќе им подари бадникарски подароци.

Дечињата покрај средбата со градоначалникот, од просториите на општина Кисела Вода ќе заминат во Црквата Пресвета Богородица каде што ќе се фотографираат пред големата „Божикна пештера“. Потоа, учениците ќе се приклучат на главната поворка на традиционалната манифестација „Бадникови поворки“ која за учесниците од Општина Кисела Вода ќе започне во 11:30 часот на плоштадот Филип втори, кај Црквата Св. Димитрија.  На оваа празнична бадникова поворка учениците во еден глас заедно со останатите учесници од другите скопски општини ќе ја испеат позната Бадникарска песна „Вечниот бог“, која во текот на поворката ќе биде изведена.

Оваа традиционална манифестација ќе ја збогатат и македонските поп пејачи Даниел  Кајмакоски, Елена Ристеска, Викторија Лоба, како и друга поголема група изведувачи, глумци, спортисти и златни славејчиња. Според програмата, учесниците во 12 часот ќе тргнат кон Соборниот храм Св. Климет Охридски каде што  децата ќе бидат пречекани од страна на Архиепископот охридски македонски г.г Стефан. Воедно, на оваа манифестација која ќе се одржи во сите градови и скопски општини ќе учествуваат околу 7320 деца.

Имено, Општина Кисела Вода, за првпат оваа година се вклучува во овој голем настан организиран по повод прославата на големиот христијански празник Божик.  Локалната самоуправа и во иднина ќе дава поддршка на настани преку кои достојно ќе се одбележуваат христијанските празници, во духот на Христијанската традиција.