25 години уметничка дејност: Александра Мијалкова во балетскиот спектакл „Клеопатра“

Со балетскиот спектакл „Клеопатра“, примабалерината Александра Мијалкова ќе го одбележи 25-годишниот јубилеј од уметничката дејност. Премиерата на балетската претстава е на 17 ноември во Македонската опера и балет.

Кореограф на „Клеопатра“ е Василиј Медведев, музиката, која е специјално напишана за оваа претстава, е на литванката Нерија Голдберг, костимите и сценографијата на Павел Јураш, а Станислав Фечо е асистент на режија. Носителот на улогата на Марко Антоние во претставата е првенецот Бобан Ковачевски, Цезар е Васил Чичијашвили (Грузија), Октавија е Марија Кичевска Шокаровска, Змијата е Мими Поп Алексова Атанасовска, Октавијан – Киро Павлов и Аполодор – Дојчин Дочев од (Бугарија). За оваа претстава ангажиран е целиот ансамбл на балетот, хорот и операта.

Мијалкова на денешната прес-конференција изрази задоволство што има можност 25 – годишниот јубилеј, како што кажа, да го круниса со едно грандиозно балетско дело.

– Беше предизвик повторно да работам со тимот на меѓународни реномирани уметници како што се кореографот Василиј Медведев чии претстави се играат во Бољшој театарот, Државниот театар Берлин, како и на многу други сцени во светот, Станислав Фечо, истакнат педагог, репетитор и кореограф, Павол Јураш познат по својата креативност и идејни решенија во претставите и композиторката Нерија Голдберг, чија музика е наменски напишана за балетот, рече Мијалкова.