21 клиника во нов Клинички, четири клиники ќе останат на истото место

Во нов објект на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ќе бидат сместени 21 клиника, додека четири клиники ќе останат на истите локации, информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Оние кои ќе останат на истото место се Инфективната и клиниките за детски болести, за максилофацијална хирургија и за кардиологија.
За оваа инвестиција ќе бидат потрошени 120 милиони евра, од кои 50 ќе бидат од државната каса, а 70 ќе се земат како кредит од Банката на Советот на Европа.

Делегација од оваа банка на вчерашната владина седница ги презентирала опциите за активирање на изградбата на Универзитетскиот клинички центар (УКЦ), со вклучени експертски мислења за сите предвидени опции и алтернативи во однос на локацијата.

До крајот на февруари, според Бошњаковски, Владата ќе одбере една од опциите, по што ќе биде започнат процесот за реализација на проектот за иградба на Универзитетскиот клинички центар кој проект треба да се заврши за три и пол години односно година ипол за реконструкција на постојните згради на хируршките клиники.