Започнуваат подготовките за претстојната „Златна бубамара на популарноста“ која годинава ќе се одржи по 21-ви пат.

Во продолжение ви го пренесуваме нивното соопштение по тој повод:

Почитувани љубители на добра забава, чист воздух и ПОДОБАР ЖИВОТ, доаѓа 21 издание на Златна БУБАМАРА, кое не смеете да го пропуштите. Бидејќи нема чист воздух и подобар живот, единствено ни преостанува - добра забава!

Ја затворија Универзална, ни го затворија Метрополис –  ни остана само уште БОРИС!

Затоа излезете од  општествениот  притвор и отворете ги портите за многу подобар живот!

ЧАКАМ ТЕ ДА ДОЈДЕШ, ЧАКАМ ТЕ СОС БУЈНА СТРАСТ – Нова власт, со иста сласт

Златна Бубамара ќе се одржи за последен пат оваа година и за првпат во Вип Борис Трајковски. Дојдете заедно да аплаудираме, пееме и да се насмееме со најпопуларните ѕвезди од Македонија и Западен Балкан.

Патни трошоци не ви признаваме, а за другото че разговараме, дискутираме, дебатираме. И да знаете колку и да трае - ЧЕ СИ СЕДИТЕ!

Музичкиот спектакл ќе се одржи на 24-ти февруари, а традиционално - сценариото, наградените  и учесниците се наше дискреционо право.

Дел од билетите ќе бидат пуштени во онлајн продажба на 20-ти декември преку МКТИКЕТС.

Минатата година беше срушен рекордот во онлајн продажба кога за само 5 минути имаше барање за купување 12.000 билети.

Билетите беа продадени за рекордни 5 минути - оваа година нека се продадат за 2.