2.000 евра казна за „масакарот“ на дрвјата на „Народен фронт“

2.000 евра казна му биле изречени на приватен сопственик на парцелата на улицата „Народен Фронт“ во Скопје, за кастрење дрвја спротивно на добиената дозвола, велат од Градот. Откако на социјалните мрежи, почна да се шири видео во кое се гледаат искасапани дрвја, комуналните инспектори излегле на терен каде ги сопреле активностите и напишале казна.

„Казните зависат и варираат во однос на секој случај, каде условите на терен се посебни. Во конкретниов случај, приватниот сопственик на парцелата на која се наоѓаат дрвата му е изречена казна во висина од 2.000 евра, која истиот ја плати“, стои во одговорот на Град Скопје до Радио МОФ.

Претходно, на Фејсбук беше објавена видео-снимка од случајот, која потоа беше споделена од Фејсбук страната на Инспекторатот на Град Скопје. На снимката се гледаат неколку дрвја кои излегуваат од една тенда, а нивните крошни се целосно искастрени.

„Градот Скопје не може да спречи злоупотреби од страна на несовесни лица на издадените решенија од наша страна, но секогаш кога истите ќе се констатираат дека има злоупотреба и се излегува надвор од одобреното, навремено ќе интервенираме и ќе ги санкционираме прекршителите“, најавуваат од Град Скопје.

Од Град Скопје апелираат граѓаните да постапуваат согласно добиените решенија, во случај на кастрење или сеча на дрвја од нивниот имот.

„Доколку граѓаните сакаат да добијат решение за кастрење или сечење на дрва, треба да обратат до Секторот за комунални работи на Град Скопје, како и да поднесат Барање за сечење (корнење, кастрење) на дрва, грмушки и дива ограда. Доколку граѓаните сакаат да пријават незаконско сечење, истото треба да го пријават до Град Скопје (02/3297-255), како и до Инспекторатот на Град Скопје (02/ 3297-359 и 02/ 3297-256)“,  информираат од Градот.