190 тони сол за чисти улици во Гази Баба

Вкупно 190 тони сол, или 100 кубни метри ризла се фрлени на сообраќајниците низ Општина Гази Баба. Според извештаите од општината сите патни правци за кои се одговорни екипите на Гази Баба се проодни и сообраќајот се одвива во најдобар ред. 

Фирмите задолжени за расчистување на снегот во Гази Баба, продолжуваат со нивните активности и се постојано на терен. Општина Гази Баба располага со 4 специјални возила за расчистување на снег и фрлање сол, обезбедени се и 6 други машини кои можат да помогнат во расчистувањето. 

Приоритет во расчистувањето, секако имаат улиците по кои се одвива јавниот превоз, како и улиците кои ги поврзуваат населбите на повисоките места. Првично беа расчистени најголемите населби Железара и Ченто, а постојано се интервенира и во Стајковци, Страчинци, Виниче, Смилковци, Булачани, Раштак и Брњарци. 

Општината апелира до своите граѓани активно да се вклучат во обврските за одржување на јавната чистота и да ги исчистат приодите кон своите објекти.