13 совети за подобар сон во жешките летни ноќи

Покачувањето на температурите знае да го наруши комфорот во спалната соба и да ни го скрати или украде сонот. За секоја ноќ лесно да стигнувате до РЕМ-фаза и да ја победите летната инсомнија, дајте им шанса на следните трикови:

Обесете влажен чаршаф пред отворен прозорец. Кога воздухот однадвор ќе поминува низ влажниот материјал, тој ќе се лади, а со тоа ќе се намалува температурата во спалната соба.

Пред вклучен вентилатор ставете шише со замрзната вода или сад со мраз.Вашиот импровизиран клима-уред е подготвен. Ова е стар и ефикасен трик за да го добиете посакуваниот ладен воздух. Кога вентилаторот дува во мразот, просторијата чувствително се разладува. Но, препорачливо е вентилаторот да не е насочен кон вас.

Посипете малку бебешка пудра на чаршафите. Бебешката пудра ќе ја апсорбира потта и ќе ги зачувува чаршафите поладни.

Отскријте ги стапалата. Колку потопли се вашите стапала, толку пожешко ќе ви биде. Ако спиете покриени, дозволете им на најдолните точки од телото да ѕиркаат од под прекривачот.

Во текот на денот спуштете ги ролетните и затемнете го домот. Кога сонцето е најсилно, обидете се да ги спречите зраците да влезат во вашиот дом, спуштајќи ги ролетните или завесите. Тоа може да ја намали топлината во вашиот дом до 45%.

Ставете ги чаршафите во фрижидерот. Можеби во моментов слатко се смеете, но доколку спиете покриени, експертите препорачуваат да ги ставите чаршафите во фрижидерот околу еден час пред да се упатите во спалната. Здиплете ги така што да зафаќаат најмалку простор, ставете ги во кеса и „замрзнете“ ги. Пред да легнете извадете ги и покријте се со нив за да се разладите. Иако ефектот е краткотраен, тој трае доволно време за да заспиете.

Искапете се со колку што е можно поладна вода. Не ја бришете целосно од себе, туку оставете ја кожата влажна.

Или пак, потопете ги стапалата во леѓен со ладна вода. На стапалата и кај глуждовите се наоѓаат многу пулсирачки точки кои влијаат на температурата на телото. Во текот на најжешките денови можете да го изладите целото тело ако ги потопите токму овие точки во ладна вода. Пулсирачки точки има и на вратот и зглобовите на рацете, па најверојатно сте забележале дека ладењето на тие делови од телото неверојатно освежува.

Изберете памучни чаршафи. Колку и да сакате да создадете романтична атмосфера во спалната, одолејте им на луксузните сатенски постелнини. Синтетичките материјали не ја апсорбираат влагата за разлика од памучните, кои ќе ја тргнат потта од вашето тело и ќе ви дадат пријатно чувство. Многу е важно за време на пеколните ноќи да ги избегнувате и перниците со полнеж од пена кои создаваат поголема топлина.

Спијте во положба „орел во лет“. Сте знаеле ли дека човечкото тело генерира топлина од околу 100 вати на час? Колку и да копнеете по прегратката на партнерот, спиењето на растојание од него ќе ви донесе подобар сон во неподносливо жешките ноќи. Најпрепорачлива позиција за спиење во топлите денови е позиција „орел во лет“ (со раширени раце и нозе), во која екстремитетите не се допираат едни со други и со телото. На тој начин ќе го избегнете дополнителното создавање на топлина и помалку ќе потите.

Спијте на пониско место. Запомнете дека топлината се издига нагоре, па за да најдете поладно катче за спиење, треба да легнете најниско што можете. Спијте на најдолниот кат ако живеете во куќа или на подот доколку не можете да заспиете во својот кревет.

Ладете се со чорап полн со разладен ориз. Доколку сакате инстантно да се разладите со студени компресии, искористете ориз. Наполнете еден чист чорап со ориз и врзете го или сошијте го на горниот дел. Можете да додадете и лавандула за подобри резултати. Пред спиење ставете го во фрижидерот околу еден час. Вашиот „изум“ ќе има разладувачки ефект околу 20 минути, што е доволно за да потонете во длабок сон. Истата тактика се користи и во зима, но за затоплување.

Покријте се со минимално влажен тенок чаршаф или газа. Со прскалка за вода навлажнете го чаршафот. Влажниот материјал ќе ве разладува додека не потонете во длабок сон.