11 жени од вкупно 206 кандидати кои ќе се борат за градоначалничката функција

Старо Нагоричане е единствената општина во Македонија која најверојатно по престојните локални избори ќе ја води жена градоначалник, со оглед на тоа што главните фаворити за градоначалничката функција се жени – Жаклина Јовановска од СДСМ и Елена Јаќимовиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, овој пример е исклучок, бидејќи шесте политички партии, кои се застапени во македонското Собрание, одлучија на граѓаните да им понудат само 11 жени од вкупно 206 кандидати кои ќе се борат за градоначалничката функција, односно 5,3% од понудените кандидати се жени.

„Најголем" број жени кандидатки за градоначалник нуди СДСМ. Од 70 општини, каде ќе се тркаат за функцијата со свои кандидати, 6 се жени и тоа во Битола, Арачиново, Македонска Каменица, Могила, Старо Нагоричане и Илинден.

ВМРО-ДПМНЕ одлучи да настапи со само 4 жени во трка за 71 општина. Свои кандидатки имаат во Гостивар, Чаир, Градско и Старо Нагоричане.

Уште полоша е статистиката кај парламентарни партии од албанскиот блок, кои нудат само една жена, од вкупно 65 кандидати, или само 1,5% од целиот избор. Станува збор за Општина Тетово, каде во трката е Теута Арифи, како единствена жена од 18-те кандидати кои ДУИ ги нуди на граѓаните. Сите 15 кандидати на Движењето БЕСА се мажи, исто како и 17-те кандидати на ДПА и 15-те на Алијансата за Албанците.

Партијата Левица нуди една жена, Марија Џонс за Градот Скопје, во трите општини каде ќе настапат со свој кандидат за градоначалник.

Очигледно политичките партии немаат намера да го намалат огромниот родов јаз кај градоначалниците, што беше клучно барање кое до нив го испратија од Платформата за родова еднаквост преку јавно писмо.

„Партиите многу свесно не предлагаат жени кандидати за високи функции во власта плашејќи се дека на тој начин се ставаат во понеповолна позиција во однос на другите партии и најчесто ова го затскриваат со внатрепартиско гласање кое по правило исфрла мажи кандидати за највисоките позиции и функции. Ова не зависи од квалитетот на жените можни кандидати спореден со квалитетот на мажите можни кандидати, ниту од бројот на жените спремни да се впуштат во политичките води. Зависи од претходно изградената позиција на моќ на мажите и од претходно изградената перцепција за жената како понеповолен можен кандидат и иден функционер", напиша професорката Мирјана Најчевска, во за блогот Республика.

Во понудата за советници, партиите биле повнимателни во родовата рамноправност, но пред сè затоа што тоа е законска обврска. Според изборниот законик: „најмалку 40% од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол, и тоа: на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места".

Во недостаток на официјален список на кандидати за градоначалници на сајтот на Државната изборна комисија, податоците ги собиравме преку интернет и фејсбук страниците на партиите, како и преку конвенциите на кои партиите ги презентираа своите кандидати.

Досега со 81 општина во Македонија управуваа само 4 градоначалнички. Со оглед на општините, каде што се понудени жени за престојните локални избори, тој број тешко дека премногу ќе се промени.