11. Меѓународен театарски фестивал "Скупи 2017" од 12 до 18 октомври

На 11. Меѓународен театарски фестивал "Скупи 2017" што под мотото "За здрав дух" ќе се одржи од 12 до 18 октомври ќе настапат театри кои досега не сме имале можност да ги видиме во Скопје.

Пред театарската публика ќе бидат изведени седум претстави од Албанија, Русија, Косово, Израел, Србија, Иран и од Бугарија, а фестивалот ќе биде отворен во Сули ан во 20 часот. со претставата "Куќата на Бернарда Алба" од Лорка во режија на Ќендрим Ријани, на театарот "Андон Чајупи# од Корча, Албанија.

Во наредните денови фестивалот ќе се одржува во Младинскиот културен центар каде ќе гостуваат претставите: "Ѕверот" на театарот „У Моста" од Перм, Русија; "Маченик" на Градскиот театар од Ѓаковица, Косово; "Пуши како маж" од Тел Авив - монодрама инспирирана од животот на Фрида Кало; "Визии од сребрениот век" на Центарот за културна деконтаминација од Белград; "Зборувај, Медеја" на театарската компанија "Јирјирак" од Техеран и, на последниот фестивалски ден - "Слугинките" на Националниот театар "Иван Вазов" од Софија.

"Ќе се обидеме да ја одржиме традицијата и да покажеме театри кои не сме ги виделе досега, и некои што ги знаевме, а што не сме ги гледале на другите фестивали", вели селекторот на фестивалот Сенко Велинов.

Според него, на фестивалот ќе нема македонска претстава од причина што публиката може да ги види на редовниот репертоар на театрите и на фестивалот - МТФ „Војдан Чернодрински".
На "Скупи 2017" ќе биде доделена една награда - Гран-при за најдобра претстава, за која ќе одлучува тричлено жири во состав: Веби Ќерими, Ѓорѓи Јолевски и Лука Кортина.