1000 луѓе се хранат во народните кујни во Скопје

На територијата на Скопје функционираат 10 народни кујни. Од нивната работат зависат 1 000 луѓе, што од прилика значи дека секоја кујна згрижува по 100 лица. Отворени од страна на Министерството за труд и социјална политика, проектот „Народни кујни“ стартуваше во 2007, од кога беа отворени пунктови во Чаир, Бутел, Центар, два пункта во Гази Баба, Шуто Оризари и три пункта во Кисела Вода и Карпош.

Капацитетот на народните кујни, засега, ги задоволува потребите, со тоа што, топол оброк им се служи на 1000 лица, секој работен ден, во интервал од 1 час. Храната се дели секој ден, во точно определно време, посебно за секоја народна кујна.

Фирма, одбрана на тендер, е задолжена за да ја обезбедува храната во сите народни кујни на територијата на Скопје. Секој од корисниците, се потпишува, за да се води евиденција во врска со бројот на корисници и побарувачката на оброци. Па така, да речемо во Синѓелиќ има 54 корисници, додека во Маџари има 84, а во Маџир Маало 18. На менито има разновидна храна, а се води сметка корисниците да добијат и салата или нешто благо. Во петок, во кујните се делат оброци и за наредните два дена кога кујните не работат. Тогаш се додава сува храна, јајца, сирење, кашкавал или паштета.

Корисници на оваа услуга не се само бездомници, туку и лица кои живеат во несоодветни услови и се дел од социјално загрозена група граѓани.