Во секое одговорно општество, безбедноста на децата во сообраќајот, а со тоа и нивниот живот и здравје, е највисока општествена цел и врвен општествен приоритет на секој поединец.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го потенцира фактот дека целокупната безбедност на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните. Воедно, ги повикува сите учесници во сообраќајот да внимаваат на начинот на кој се однесуваат во сообраќајот бидејќи со давање личен, позитивен пример, ќе придонесат најмладите учесници во него да градат здрави сообраќајни навики и да ја подигнат сообраќајната култура и свест - секој поединечно и сите заедно, како општество, да го дадеме својот придонес и да ги заштитиме децата од повреди и загуби во сообраќајот. Децата за жал се чести жртви во сообраќајни незгоди, иако не секогаш тоа е по нивна вина.

Овој водич за безбедност на децата во сообраќајот е наменет за децата и ги содржи  најважните правила кои тие треба да ги знаат и да ги применуваат секојдневно, а на кои треба да ги научат нивните родители и наставници.

Златното правило за секое дете гласи: гледај, види, биди виден.

1.Преминување на улицата само на пешачки премин. Најважната работа која секое дете треба да ја знае е дека улицата се поминува секогаш САМО на пешачки премин. Таму каде што нема пешачки премин, улицата може да се помине откако ќе бидете сигурни дека не надоаѓаат возила по улицата.

Пред да ја преминете улицата, без разлика дали тоа го правите на пешачки премин или не, најпрво морате да погледнете лево, па десно, па пак лево и потоа да ја преминете улицата, се разбира доколку бидете сигурни дека не доаѓаат возила. Доколку надоаѓаат возила, мора да почекате и да ја преминете улицата кога патот ќе биде чист и безбеден.

Децата на возраст до 9 години, секогаш треба да ја преминувааат улицата во придружба на возрасно лице кое го држат за рака.

2. Без трчање. Секое дете треба да знае дека трчањето преку улицата е забрането и опасно. На улицата мора да бидеш мирно дете, да внимаваш на возилата и внимателно да следиш што се случува околу тебе. Трчањето по топката и бркањето со другите деца, како и гледањето во телефонот, таблетот, и другите апарати за игри и забава исто така е забрането и опасно.

Многу деца имаат лоша навика да претрчуваат преку улица или да ја пуштат раката на родителот.

3. Движење само по тротоар. Пешачките патеки се само за одење - пешачење и треба да внимавате да бидете на безбедно растојание од работ на тротоарот или на безбедно растојание од возилата. На тој начин, секогаш ќе се движите безбедно, а со тоа ќе бидете безбедни пешаци.

Следењето на ова правило треба да биде најдобра и најбезбедна навика на секое дете.

4. Црвено жолто, зелено (семафор и пешачки семафор). На крстосница со семафори, вие треба секогаш да го следите семафорот за пешаци. Малото човече кои ги менува боите ви кажува кога безбедно може да ја поминете крстосницата.

Секое дете треба да знае дека црвеното светло значи да застане, а зеленото да оди.

5. Излез од безбедната страна. Секогаш кога излегувате од автомобилот или од некое друго возило, треба да внимавате тоа да биде од безбедната страна, односно од задната врата која е доближена до работ од тротоарот, влез на зграда или куќа и слично. Доколку излезете од погрешната страна – страната од кај улицата, постои опасност возилото кое се движи по улицата да ве удри вас и во вашата врата. Затоа внимавајте!

6.Користете го безбедносниот појас кога се возите во автомобил. Секогаш кога се возите во автомобил, задолжително треба да користите безбедносен појас или детско седиште.

На тој начин, секое дете ќе биде заштититено при нагло запирање на возилото или во случај на сообраќајна незгода.

7.Забранети зони за играње. Кога со другите деца играте надвор од дома, тоа треба да биде на сигурно место (парк, игралиште), односно децата не смеат да играат на улица или на паркинг.

8.Возење велосипед. Кога возите велосипед, секогаш треба да носите заштитен шлем (кацига за велосипед). Велосипед мора да се вози само на велосипедска патека, а во случај да нема таква патека, секогаш треба да возите по крајната десна страна од улицата и да бидете сигурни дека сопирачките, сирената и управувачот на велосипедот се во исправна возна состојба.

9.Светла или рефлектирачка облека. Иако сѐ уште времето е топло и денот е подолг, сепак треба да се воздржувате да играте надвор кога е мрак. Во случај надвор да е веќе стемнето, треба да носите светла и рефлектирачка облека за полесно да може да бидете забележани од возачите и да бидете видени.

10. Бидете претпазливи. Основното правило е да не користите слушалки или да не зборувате на телефон додека пешачите или возите велосипед. Користењето на предмети кои го одвлечуваат вниманието е опасно.

Децата секогаш треба да бидат свесни за сообраќајот, возилата и луѓето кои се движат по улицата.

„Ги повикуваме возачите да бидат внимателни и да ги чуваат децата во сообраќајот. Родителите и наставниците, ги повикуваме да посветат време за сообраќајна едукација на децата, да им помогнат горенаведените совети да станат нивна секојдневна навика и култура на однесување, со единствена цел - Секој ден да е безбеден т.е. - Нула деца жртви во сообраќајни незгоди“– гласи апелот на РСБСП.