Јубилејното 10-то издание на Македонскиот радиски фестивал – МАРС 2017ќе се одржи на 14  ноември, вторник,  2017 година во МОБ – Скопје.

КЦ  Александар Македонски и годинава, се јавува како организатор и продуцент на фестивалот, кој како и до сега е  поддржан од градот Скопје. На него и овој пат ќе бидат избрани најпопуларните радиски хитови  на годината, селектирани од над 30 и кусур радиостаници ширум Македонија кои до организаторот ги испратија своите листи со највртени македонски хитови во тековната година.

Од околу 500 селектирани песни испеани  од повеќе од 100 домашни изведувачи, по пат на пристигнатата радио-селекција  најзастапените хитови во македонскиот радиоетер се најдоа  на финалната вечер на МАРС 2017 во избор за наградувани радиски хитови на годината. МАРС 2017  и годинава ќе биде проследен со директен ТВ пренос на МТВ1.  На првиот прес ќе биде јавно  претставен и изборот на селектираните радиски хитови за кои ќе може да гласа и публиката со кликнување лајк на Фан страницата на МАРС 2017 на Фејсбук, за еден од своите омилени хитови, односно неговиот изведувач, од оние кои  ќе настапат и на финалната вечер.

Ова е финалната листа на учесници на МАРС 2017,  која произлезе од радиоселекцијата на изведувачите и нивните радиски хитови во 2017 година:

1.      Влатко Лозаноски – „Ова лето ќе се памти“

2.      Кристина Арнаудова – „Љубена“

3.      Викторија Лоба – „Дојди“

4.      Eye Cue – „Мојот крал“

5.      Сара Мејс – „Небо“

6.      Наташа Малинкова – „Хеј мама“

7.      ДНК – „Невозможна мисија“

8.      Димитар и Тајфата – „Остани“

9.      Теа и Панчо – „Рушевини“

10.  Ања Ветерова – „Рам бам бам“

11.  Некст Тајм –  „Слушам кај шумат шумите“

+  Специјалните гости… кои се изненадување!

Во ревијалниот дел на МАРС 2017  годинава организаторот реши да нема имиња од регионот, а јубилејот – 10 годишнината од  постоењето на фестивалот да биде исполнет само со македонски музички содржини.  Така, покрај во моментов, најпопуларните македонски  музички имиња, низ македонскиот музички времеплов ќе не водат танчерските точки со специјално подготвена кореографија на познати македонски евергрини, ДЈ сет од миксови на македонски ретро хитови, видео програма како и дел од досегашните водители на фестивалот, кои ќе не вратат годиниве наназад… Со ова ќе се увелича и  подигне нивото на јубилејното 10 издание и зголеми рејтингот на МАРС, кој останува најголемата музичка парада на македонската поп естрада.

Домаќин на јубилејното 10-то фестивалско издание на МАРС 2017 и овој пат ќе биде една од познатите водителски ТВ имиња – Марија Петровска ( екс „Бекстејџ” ), која сега живее и работи во Словенија, а за оваа пригода специјално ќе допатува во Скопје.

И годинава претходно селектираните хитови од финалната селекција по категории ги оценуваше и наградуваше  жири составено од преставници на  национални и локални радиостаници од различни региони во Македонија, па така изведувачите на финалната вечер ќе ги понесат наградите за: радиски поп хит, ар ен би хит, етно поп хит, радиска балада, радиски хит испеан од машки вокал, од женски вокал, од група, најдобра преработка, партнерство за хит ( дует), ѕвезда што се раѓа ( најдобар млад изведувач), апсолутен радиски хит, а тука е и наградата за трајни вредности…

Изведувачот чија  ќе биде прогласена за апсолутен радиски хит на 2017 година доби парична награда од 60.000 денари, од организаторот на Македонскиот радиски фестивал.
Изведувачот на песната  која ќе добие најмногу лајкови  од фановите на Фејсбук фан страницата на МАРС 2017 како нивни избор ќе добие награда од 30.000 денари.

И конечно наградата од 10.000 денари  ја понесе авторот на најдобар текст на една од финалните песни.

Оваа награда традиционално ја избираат естрадните новинари од различни медиуми (дневни весници, магазини и интернет портали) во Македонија.